
Водостојот на реката Вардар во Скопје и понатаму е покачен по обилните врнежи што ја зафатија земјава во изминатите денови. Од Управата за хидрометеоролошки работи предупредуваат на зголемена претпазливост при движење во близина на речното корито, особено на пониските и слабо осветлени делови покрај кејот.
Според најновите прогнози, и во следните часови нивото на реките ќе остане високо во Скопје и во горните делови на сливовите, иако се очекува постепено опаѓање во текот на ноќта.
Во моментов во поголем дел од земјата има мешани врнежи, а со продор на студен воздух од север, дождот во попладневните и вечерните часови ќе преминува во снег. Најголем ризик од локални излевања и заезерувања има во западните и југозападните региони, каде врнежите подолго ќе се задржат како дожд пред да преминат во снег.
Надлежните институции апелираат граѓаните да избегнуваат движење покрај надојдени реки и суводолици, да не минуваат низ поплавени подвозници и улици, а доколку дојде до навлегување на вода во подруми или дворови, веднаш да се пријави на бројот за итни случаи 112.



























