Денес, во Општина Аеродром се одржа срдечна и продуктивна средба помеѓу Орце Ѓорѓиевски, сегашниот и иден градоначалник Дејан Митески, како и пратеничката Катерина Димитровска, со наставници и претставници од образовните институции.

Главна тема на дискусијата беа актуелните проблеми со кои се соочуваат наставниците и учениците, особено во делот на јавниот превоз. Според Ѓорѓиевски, недостигот од автобуси и честите дефекти кои предизвикуваат доцнење на превозот значително ја отежнуваат редовната посета на наставата. Тој најави дека со поддршка од Владата, овие проблеми ќе станат минато.

„Јавниот превоз и хигиената се двата столба на кои сме фокусирани – зашто сега се длабоко разнишани, а се клучни за функционирањето на градот“, истакна Ѓорѓиевски.
На средбата се разговараше и за унапредување на соработката помеѓу основните и средните училишта, како и за потребата од сообраќајни решенија кои ќе ја зголемат безбедноста на учениците при нивното секојдневно патување.

Орце Ѓорѓиевски нагласи дека ваквите средби се исклучително важни: „Само преку искрена комуникација и заедничка работа можеме да изградиме подобар, побезбеден и пофункционален град за сите. Скопје повторно ќе биде горд град!“