УТРО.мк

„Нож и виљушка на европска чинија“: Спој на европската трпеза и македонската традиција на 9 мај во Паркот на Франкофонијата

„Нож и виљушка на европска чинија“: Спој на европската трпеза и македонската традиција на 9 мај во Паркот на Франкофонијата
Vero

Скопје, 6.05.2026 – Паркот на Франкофонијата на 9 мај ќе биде отворена градска сцена на која европската култура ќе се сретне со македонската традиција, музика, вкусови и препознатлива дружељубивост. Под симболиката на „Нож и виљушка на европска чинија“, настанот е замислен како културно и гастрономско дружење што ги поврзува различностите, ги слави заедничките вредности и ја носи атмосферата на европска отвореност во локален, топол и близок градски формат.

Настанот беше најавен на прес-конференција во Паркот на Франкофонијата, на која присуствуваа претставници на организацијата, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, главниот уредник на „Поточиња“ Оливер Папоњак, како и изведувачите Мишел Трајковски и Михаило Митов – Спарк.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, упати покана до сите жители на Општина Центар и на градот Скопје, како и до сите оние што сакаат да се забавуваат и да уживаат во прекрасна храна, да се придружат на настанот и заедно да го прославиме Денот на Европа.

„‘Нож и виљушка на европска чинија’ прерасна во убава и препознатлива традиција, која веќе неколку години по ред се одржува во Паркот на Франкофонијата. Се дружиме, се запознаваме со различни култури и вкусови и разменуваме искуства. Ова е наш начин заедно да го одбележиме 9 Мај – Денот на Европа, со нашите сограѓани и европските пријатели, во добро расположение, со богата музичка програма и гастрономија од сите меридијани“, рече градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

Организаторите најавија дека „Нож и виљушка на европска чинија“ ќе понуди содржини за различни генерации, со акцент на музика, креативност, гастрономија и дружење на отворено. Идејата е преку урбана, достапна и комуникативна програма да се покаже дека различните европски култури и традиции можат природно да се надополнуваат преку вкус, звук и заедничко искуство.

„Овој настан го замисливме како отворена градска приказна во која и македонската трпеза е дел од европската гастрономија, а сето тоа се доживува преку музика, вкусови и дружење. Сакавме да создадеме настан што ќе ја спои европската културна разновидност со македонската традиција и нашата препознатлива дружељубивост. Паркот на Франкофонијата е вистинско место за таква средба – отворено, живо и блиско до граѓаните“, изјави Сандра Темова.

Оливер Папоњак, главен уредник на „Поточиња“, со чиј настап точно напладне започнува програмата, истакна дека настанот има и силна едукативна димензија:

„Кога зборуваме за Европа, важно е таа приказна да им ја приближиме и на децата, на јазик што тие го разбираат – преку песна и игра. Нашата цел е децата да почувствуваат дека различноста е богатство, дека културата се споделува и дека заедништвото се учи од најрана возраст.“

Во рамки на програмата ќе настапи и Михаило Митов – Спарк, блуз изведувач, кој ќе донесе поинаков музички колорит на настанот.

„Голема благодарност за поканата до Општина Центар и организаторите на оваа манифестација. Мило ми е што блуз музиката ќе биде чуена на 9 мај. Огромно задоволство ми е што сум дел од оваа манифестација и упатувам повик до сите генерации да дојдат на одлична забава“, изјави Митов.

Музичката програма ќе ја збогати и Мишел Трајковски, кој најави атмосфера на отворено дружење:

„Убаво е кога музиката излегува од салите и клубовите и станува дел од градскиот простор. Кога ќе се спојат музика, гастрономија и традиција, се создава чувство на заедништво што природно ѝ прилега на оваа приказна.“

Организаторите очекуваат „Нож и виљушка на европска чинија“ да понуди уникатно доживување во кое европската култура, македонската традиција, музиката и гастрономијата ќе се спојат во отворена и пријатна атмосфера за сите генерации.

Настанот ќе се одржи на 9 мај 2026 година во Паркот на Франкофонијата, со поддршка од Општина Центар и е дел од Програмата за култура на Општина Центар за 2026 година.

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран