
На денешен ден се навршуваат 35 години од смртта на Сашко Гешовски, млад војник од Кавадарци, кој се смета за прва жртва во настаните што доведоа до распадот на поранешна Југославија.
Гешовски, роден на 31 октомври 1971 година во Кавадарци, своето детство и образование ги поминал во родниот град, каде ги завршил основното и средното училиште. По матурирањето заминал на отслужување на воениот рок во Југословенската народна армија, распореден во Сплит, во тогашна Социјалистичка Република Хрватска.
Трагедијата се случила на 6 мај 1991 година, додека бил на стражарска должност пред објектот на Воено-поморската област во Сплит. Во него било пукано од страна на маскиран припадник на хрватското Министерство за внатрешни работи, при што бил погоден со неколку куршуми и починал на лице место. Настанот подоцна беше оценет како еден од првите директни и смртоносни инциденти во низата конфликти што ќе го обележат распадот на федерацијата.
Веста за неговата смрт силно одекнала во Кавадарци. Веќе следниот ден, на 7 мај, градот бил сведок на масовен протестен собир на кој учествувале илјадници граѓани од Кавадарци и околината, изразувајќи гнев и жалост за загубата на својот сограѓанин. Во центарот на градот биле запалени свеќи, а Кавадарци прогласил и денови на жалост. Телото на Гешовски било пренесено со воен хеликоптер, а неговиот погреб, според тогашните извештаи, собрал десетици илјади луѓе од повеќе делови на поранешната држава.
Од Музеј-галеријата во Кавадарци денес потсетуваат дека во истата 1991 година животот го загубиле и други млади луѓе од градот во рамки на воените случувања. Петре Тодоровски, исто така роден во 1971 година, загинал на 26 јули додека служел во ЈНА во касарна во Љубљана, на стражарска должност. Неколку месеци подоцна, во септември, животот го загубил и Мишко Митрев од Ваташа, подофицер во ЈНА, кој загинал при одбрана на касарна во Ѓаково.
















