
Холандскиот лавиринт во Градскиот парк во Скопје, едно од најпосетуваните катчиња за детска игра, доби ново, освежено лице во рамки на одбележувањето на Денот на Кралот.
По тој повод, Амбасадата на Холандија, во соработка со Град Скопје и неколку партнери, вчера ја претвори оваа зелена оаза во вистинска сцена на боја, креативност и заедништво. Просторот, кој првпат беше отворен во 2009 година, повторно оживеа преку низа еколошки и уметнички активности.
Во центарот на случувањата беа засадени 150 нови грмушки, донација од „Еуропеан плантс“, со што дополнително се збогати зеленилото на лавиринтот. Посебно внимание привлече и новата скулптура во форма на холандски кломпи, изработена од учениците од Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, која внесе уметнички печат со јасна симболика на холандската култура.
Паралелно, организацијата „Биди зелен“ ја претвори манифестацијата во вистински еко-фестивал. Посетителите учествуваа во натпревар за најкреативно украсен велосипед, разменуваа користени предмети во разменотека и се вклучија во бројни активности за најмладите. Како резултат на акцијата, беа засадени и 800 садници цвеќе, со што просторот доби уште поживописен изглед.
Амбасадорката Узлем Џанел во своето обраќање нагласи дека ваквите настани ја отсликуваат суштината на заедничкото делување, истакнувајќи дека мотото на амбасадата „Блескаме заедно“ најдобро се гледа токму преку вакви иницијативи што ја прават средината позелена и посреќна.
Од Град Скопје, генералниот секретар Славе Трпески упати честитки по повод роденденот на кралот Вилем Александар, посочувајќи дека соработката меѓу Македонија и Холандија со години се гради преку конкретни проекти од јавен интерес. Според него, обновениот „Холандски лавиринт“ е уште еден доказ за тоа пријателство и заедничка посветеност кон граѓаните.
Дарко Арсовски Петровски од „Биди зелен“ порача дека ваквите активности имаат подлабока цел: поттикнување одговорно однесување кон природата. Тој нагласи дека преку разменотеката предметите добиваат нов живот, додека користењето сопствени чаши, поттикнато со симболични бенефиции, значително ја намалува употребата на пластика за еднократна употреба. Целта на Портокаловиот ден, како што истакна, е да се спојат заедницата, креативноста и еколошката свест во едно живо и активно искуство.























