Започна исплатата на еднократна финансиска помош од 2.500 денари за пензионерите од Општина Кисела Вода. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски потпиша налози за исплата на средствата, информирајќи дека над 3.200 пензионери ќе бидат опфатени со оваа мерка.
Право на помош имаат сите жители на општината кои се приматели на старосна, инвалидска, семејна или социјална пензија, при што нивните месечни примања се пониски од 22.640 денари.
„Го исполнуваме ветувањето за грижа кон повозрасните сограѓани. Оваа поддршка е симболичен, но важен чекор кон подобрување на нивната финансиска сигурност“, изјави Ѓорѓиевски.
Од Општината најавија дека и во иднина ќе продолжат со мерки за социјална заштита и поддршка на ранливите категории граѓани.