Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес официјално го означи почетокот на целосната реконструкција на улицата „Фрањо Клуз“ (Црвена Вода 7) во општина Аеродром. Заедно со градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески, и новиот директор на ЈП „Улици и патишта“, Борис Настов, Ѓорѓиевски истакна дека ова е значаен инфраструктурен зафат кој ќе го подобри квалитетот на сообраќајот и безбедноста на граѓаните.

„Фрањо Клуз“ е една од клучните улици во урбаниот дел на општината, која секојдневно ја користат илјадници граѓани. Со години беше запоставена, небезбедна и оштетена, но со започнувањето на реконструкцијата тоа се менува.

Проектот предвидува поставување двослоен асфалт, нови рабници и уредени тротоари, со што улицата ќе добие современ, безбеден и функционален изглед. Ѓорѓиевски потенцира дека целта е Скопје да добие пример како треба да изгледаат модерните градски сообраќајници – уредени, безбедни и достапни за сите.
„Ова е само почеток. Следуваат уште поголеми проекти за нашето Скопје. Ќе работиме во секоја општина, секое маало, секоја населба. Скопје заслужува!“ – изјави Ѓорѓиевски.

Реконструкцијата на „Фрањо Клуз“ е дел од планот за модернизација на градската инфраструктура и подобрување на условите за граѓаните на Скопје.























