Од платото пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ вечерва започна големата акција за чистење на главниот град под името „72 часа чисто Скопје“. На терен се ангажирани десетици камиони, цистерни и механизација, подготвени да интервенираат низ сите делови од градот.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој денеска ја презеде функцијата, истакна дека акцијата претставува прв чекор кон враќање на достоинствениот и уреден изглед на градот.

– Во наредните 72 часа ќе дадеме сè од себе Скопје да блесне онака како што им ветив на скопјани. Ќе бидат вклучени екипи од јавните претпријатија, како и поддршка од повеќе општини од внатрешноста. После долго време, повторно ќе се перат улиците, плоштадот и кејот ќе се исчистат темелно, а јавните претпријатија ќе се вратат во нормална функција, рече Ѓорѓиевски.
Во поддршка на акцијата присуствуваа градоначалниците на Аеродром, Кисела Вода, Центар, Карпош, Гази Баба и Ѓорче Петров. На стартот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој преку социјалните мрежи ја најави акцијата како заеднички напор за „почисто и поуредено Скопје“.

Ѓорѓиевски порача дека ова е само почеток и дека градот ќе продолжи со континуирани активности за подигнување на стандардот на урбаното живеење.























