
Во ноќта што засекогаш ќе остане врежана како една од најтраорните во поновата историја на Македонија, противпожарната служба ја примила дојавата за пожар во дискотеката „Пулс“ во 2:35 часот по полноќ. Само пет минути подоцна, првото противпожарно возило веќе било пред објектот – но она што ги пречекало пожарникарите не бил пламен, туку хаос, паника и десетици заглавени млади луѓе кои се бореле за воздух и живот.
На денешното судење за трагедијата во која загинаа 63 лица, сведочеше пожарникарот Благој Паунов – човекот кој заедно со колегата Дејан Георгиев прв влегол во дискотеката. Тој пред Судот опиша сцени што, како што рече, не се забораваат до крајот на животот.
„Кога стигнавме, немаше видлив оган. Само малку чад што излегуваше над влезната врата. Но имаше луѓе – многу луѓе – паднати, заглавени, беспомошни“, сведочеше Паунов.























