
Коалицијата ВЛЕН соопшти дека општина Теарце влегува во силен инвестициски циклус, при што повеќе инфраструктурни проекти веќе се реализираат на терен, со цел подобрување на условите за живот на граѓаните.
Во рамки на теренска посета, заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи-Шаќири, заедно со градоначалникот на Теарце, Даути Мемиши, и заменик-директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Тахир Таири, извршија увид во почетокот на работите за реконструкција на локалниот пат во селото Доброште.
Станува збор за проект кој опфаќа целосна реконструкција на делница во должина од 600 метри, со интервенции и на постојната инфраструктура, вклучително и шахтите. Вредноста на инвестицијата изнесува над 13 милиони денари.
Од ВЛЕН информираат дека во моментов се реализираат вкупно седум капитални проекти во општината, во вредност од околу 2,1 милиони евра. Дел од нив се насочени кон реконструкција на локалната патна мрежа, додека други опфаќаат изградба и унапредување на фекалната канализација во повеќе населени места.
Според коалицијата, овие проекти претставуваат конкретен чекор кон модернизација на инфраструктурата и подигнување на квалитетот на живот, со јасна цел – рамномерен и одржлив развој на Теарце.























