
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека администрацијата открила „многу интересни“ документи при прегледот на материјалите поврзани со неидентификувани летачки објекти (НЛО) и најави дека првите записи наскоро ќе бидат објавени.
Говорејќи пред поддржувачи на настан организиран од Turning Point USA, Трамп посочи дека јавноста ќе има можност сама да процени дали феноменот е реален. Според него, објавувањето на документите ќе започне „многу брзо“.
Во февруари, Трамп им наложи на американските институции да започнат со декласификација на досиеја за НЛО, неидентификувани воздушни феномени и потенцијален вонземски живот, повикувајќи се на зголемениот интерес кај јавноста.
Одлуката следеше по неговите критики кон поранешниот претседател Барак Обама, кој во медиумско интервју изјави дека постојат „необјаснети објекти“. Обама подоцна појасни дека за време на неговиот мандат не видел докази за контакт со вонземјани, иако нагласи дека постои висока веројатност за живот надвор од Земјата.
И самиот Трамп изјави дека нема видено конкретни докази за постоење вонземски суштества и дека останува скептичен.
Во меѓувреме, Пентагон во изминатите години спроведуваше истраги за вакви појави. Воени претставници во 2022 година соопштија дека немаат пронајдено докази за посети или падови на вонземски летала на Земјата.
Сличен заклучок беше изнесен и во извештајот од 2024 година, во кој се наведува дека повеќето забележани случаи се резултат на погрешна идентификација на познати објекти или природни феномени, без потврда за вонземска технологија.























