УТРО.мк

Велјановски: „Џаво Отомотив“ ќе инвестира до 21 милион евра во Тетово

Велјановски: „Џаво Отомотив“ ќе инвестира до 21 милион евра во Тетово
Vero

Инвестициониот циклус во Македонија продолжува со реализација на нови проекти, отворање производствени капацитети и привлекување компании од различни индустрии, истакнува пратеникот Александар Велјановски.

Тој посочува дека покрај компаниите кои веќе работат во земјава, Владата во периодот што следи очекува реализација на нови значајни инвестиции, а паралелно се водат преговори со уште околу десет компании заинтересирани за вложување во Македонија.

„Целта е да привлечеме инвестиции кои носат ново производство, современи технологии, добро платени работни места и поголем извоз, а истовремено да ја диверзифицираме економијата и да не зависиме само од една индустрија“, наведува Велјановски.

Меѓу позначајните нови инвестиции е проектот на „Џаво Отомотив“ во ТИРЗ Тетово. Компанијата, која има повеќе од четири децении искуство во автомобилската индустрија, во периодот од 2026 до 2030 година планира да инвестира околу 20 до 21 милион евра. Според бизнис-планот, се очекува отворање на 400 до 500 нови работни места, додека годишниот извоз би достигнал околу 45 милиони евра.

Во ТИРЗ Скопје 1 веќе започна изградбата на новата фабрика на „Чагатај Кабло“. Инвестицијата е вредна околу 6 милиони евра, а производствениот објект ќе се простира на 10.000 квадратни метри и се очекува да овозможи до 200 нови работни места.

Значаен дел од инвестициониот циклус се и проектите во високотехнолошките индустрии. Во ТИРЗ Кичево започна изградбата на фабрика за електронски батерии за автомобили на белгиската компанија „Avesta Battery and Energy Engineering“. Германската „BMZ Group“, пак, реализира инвестиција од 65 милиони евра во производство на литиум-јонски батерии, со планирани 700 нови работни места.

Во оваа група се вбројуваат и инвестицијата на „Епсотех“ за развојно-истражувачки центар, како и инвестицијата на американската компанија „Вебтек“ за производство на сопирачки за шински возила.

Велјановски посочува дека особено значајно е што интересот на инвеститорите постепено се шири и надвор од автомобилската индустрија.

Една турска и една германска компанија од областа на високите технологии потврдиле дека ќе инвестираат во Македонија. Нивните вкупни инвестиции се очекува да достигнат околу 80 милиони евра, со околу 1.000 нови работни места и заеднички извоз од над 200 милиони евра.

Дополнително, со три странски компании се завршени преговорите за инвестиции и отворање фабрики во земјава. Станува збор за компании од автомобилската, високотехнолошката и фармацевтската индустрија.

Паралелно, Владата преговара со уште околу десет компании од различни сектори, меѓу кои високите технологии, автомобилската индустрија, енергетиката и други индустрии со висока додадена вредност.

Во телекомуникацискиот сектор, пак, „4iG“, компанијата која ја доби дозволата за трет мобилен оператор во Македонија, планира инвестиција од повеќе од 100 милиони евра во развојот на новиот оператор. Според најавите, тоа треба да донесе поголема конкуренција, нови услуги и дополнителни можности за граѓаните.

Според Велјановски, новите инвестиции се потврда дека Македонија станува поатрактивна дестинација за долгорочни, стратешки и технолошки напредни инвестиции.

Тој додава дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со поддршка на домашните компании, но и со привлекување странски инвеститори кои сакаат да произведуваат, инвестираат и создаваат нова вредност во Македонија.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin