УТРО.мк

Трети смртен случај од западнонилска треска во Македонија, шест пациенти во критична состојба

Трети смртен случај од западнонилска треска во Македонија, шест пациенти во критична состојба
Vero

Уште еден пациент заразен со вирусот на Западен Нил починал во текот на викендот, со што бројот на смртни случаи од западнонилска треска во земјава се искачи на три, информираат здравствените власти.

Станува збор за 61-годишен пациент со сериозни придружни заболувања, кој потекнувал од едно од подрачјата каде што досега се регистрирани случаи на инфекцијата.

Досега лабораториски се потврдени 35 случаи на западнонилска треска, додека уште три лица кај кои постои сомневање за инфекција се во процес на дијагностицирање.

На Клиниката за инфективни болести во моментов се хоспитализирани 16 пациенти. Шестмина од нив се во критична состојба и се лекуваат на Одделот за интензивна нега.

Директорот на Клиниката, Фадил Цана, информира дека сите шест пациенти во критична состојба се постари од 60 години, но меѓу хоспитализираните има и значително помлади пациенти. Најмладиот пациент со невроинвазивна форма на болеста има 25 години и е во стабилна состојба.

Кај невроинвазивната форма на инфекцијата може да се појават висока температура, силна главоболка, закочен врат, дезориентираност и конфузност. Според здравствените власти, оваа форма се развива кај околу еден процент од заразените.

Министерот за здравство Сашо Клековски информира дека сите инфективни одделенија, матичните лекари и здравствените работници се известени за актуелната состојба.

Тој посочи дека при епидемиолошкото мапирање мора да се утврди каде најверојатно дошло до заразувањето, бидејќи местото на живеење на пациентот не секогаш е и местото каде што бил каснат од заразен комарец. Инкубацијата на вирусот трае од три до 14 дена.

Здравствените власти најавуваат засилени мерки за контрола на комарците, со фокус на таргетирано прскање од земја. Државниот санитарен и здравствен инспекторат веќе извршил вонредни контроли во сите општини од скопскиот регион во однос на спроведувањето на елаборатите за прскање против комарци.

Паралелно се работи на геолокација на пациентите и идентификување на површини со стоечка вода. Град Скопје веќе лоцирал повеќе водени површини во засегнатите подрачја.

Клековски предупреди дека август и септември историски се период кога се бележи најголем ризик од вакви епидемии и апелираше на максимална заштита од убоди од комарци, како и отстранување на застоената вода.

Во циклусот на вирусот важна улога имаат и дивите птици. Граѓаните кои ќе забележат мртва птица се повикуваат да го пријават случајот во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin