
Тетово – Општината упати апел до сите сопственици на оштетени и неисправни возила кои се оставени на јавни површини, во најкус можен рок да ги отстранат.
Како што информираат од Општина Тетово, сопствениците имаат рок од три дена, сметајќи од денес, да ги дислоцираат возилата. Во спротивно, Општинскиот инспекторат ќе излезе на терен и ќе ги преземе сите неопходни мерки за нивно отстранување, согласно важечките законски прописи.
Од локалната самоуправа потенцираат дека ваквата мерка има за цел да се подобри јавниот ред, чистотата и безбедноста во градот, особено на местата каде што ваквите возила претставуваат пречка за сообраќајот и секојдневното функционирање.
„Да придонесеме заедно за почист, поуреден и побезбеден град“, апелираат од Општината.























