
Пробиштип беше домаќин на Национален младински дијалог, на кој учествуваа млади од Пробиштип, Берово, Пехчево, Виница, Зрновци и Кавадарци, како и младински работници. На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски, кој во интерактивна сесија разговараше со младите за нивните ставови, потреби и предлози.
Тоневски истакна дека прашањата и предлозите од надлежност на локалната самоуправа биле конкретни и детално образложени, а најголемиот дел од нив се совпаѓале со општинската стратегија и планот за развој.
„Ме радува што прашањата и предлозите кои се од надлежност на локалната самоуправа беа конкретни и детално образложени од младите, како и што најголемиот дел од нив се поклопуваат со нашата стратегија и план за развој на општината“, посочи Тоневски.
Тој информираше дека на последната седница на Советот на Општина Пробиштип бил усвоен Акцискиот план за млади за 2027/2028 година, кој предвидува конкретни активности за подобрување на условите и можностите за младите во општината.
Тоневски порача дека локалната самоуправа останува посветена на поддршката на младите и на создавањето можности за нивно активно учество, со цел нивните идеи и иницијативи да имаат вистинско значење во развојот на заедницата.
„Иднината се гради заедно со младите!“, нагласи тој.























