
Вчера се одржа третата седница на Советот за развој на Источниот плански регион, на која беа донесени повеќе одлуки, меѓу кои и утврдување на листата на предлог-проекти за развој на регионот. Проектите се предложени за финансирање преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2026 година.

Како приоритетни беа изгласани неколку значајни иницијативи, меѓу кои проектот „Регионален центар за згрижување и контрола на популацијата на кучиња скитници и ветеринарно здравство во Источен плански регион“.
Меѓу приоритетите е и проектот за воведување мерки за енергетска ефикасност на јавни објекти и користење на обновливи извори на енергија, со цел подобрување на условите во образовниот процес во регионот. Во рамки на овој проект е вклучена и Општина Пробиштип со инвестиции во системот за греење на СОУ „Н.Н. Борче“, како и целосна реконструкција на ракометното игралиште.
Дополнително, како важен проект беше изгласано и унапредувањето на енергетската ефикасност во регионот преку замена на јавното улично осветлување со ЛЕД осветлување, во рамки на Smart LED Lighting Project.
Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски, истакна дека реализацијата на овие проекти ќе придонесе за подобрување на инфраструктурата, условите за образование и енергетската ефикасност во општината и регионот.























