Скопје, Тетово и Куманово ќе бидат првите градови во кои од 1 јануари 2026 ќе започне имплементацијата на проектот „Безбеден град, безбедна држава“. Системот ќе биде поставен и долж коридорите 8 и 10, а според најавите, до средината на наредната година ќе биде опфатена целата територија на државата.
Ова денеска во Охрид го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по средбата со словенечкиот колега Боштјан Поклукар. Тој информираше дека измените во законот за безбедност во сообраќајот и патиштата, со кои се предвидува имплементацијата на „Безбеден град“, веќе го поминаа првото читање во Собранието.
– Целта на овој систем не е да бидат казнувани македонските граѓани, ниту да се полни буџетот на државата. Целта е да се спаси барем еден човечки живот. Бројките се страшни – во 2024 година имавме 142 жртви поради непочитување на сообраќајни правила. Сигурен сум дека со овој систем бројките ќе се намалат, изјави Тошковски.
Тој најави и засилени контроли, како и заострување на казнените мерки. Покрај парични казни, ќе се воведе и можност за затворска казна и трајно одземање на возилата со кои се сторени кривични дела.