Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, истакна дека стадионот „Петар Милошевски“ е целосно подготвен за квалификацискиот натпревар за Европското првенство на репрезентацијата на Македонија до 21 година против Италија, кој ќе се одигра на 9 септември.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во соработка со општината реализираше инвестиција од околу 150.000 евра во период од речиси 40 дена, со што стадионот доби значителни подобрувања и современ изглед. Поставени се нови столчиња на јужната трибина, обновена е тартан патеката, уредени се службените и медиумските простории, набавени се нови клупи за резервни фудбалери, уреден е ВИП просторот, а стадионот доби современ ЛЕД семафор како донација од ФФМ.
Дополнително, теренот е обновен со соодветна механизација и труд на лица ангажирани од федерацијата, со што е обезбедена максимална подготвеност за натпреварот.
„Со овие вложувања и интервенции, стадионот „Петар Милошевски“ ги исполнува европските стандарди и е подготвен да биде домаќин на натпревари од високо ниво. Ова е значаен чекор за развојот на инфраструктурата и афирмација на фудбалот во Битола и регионот“, истакна Коњановски.