Во Пробиштип неделава, градоначалникот Драган Анастасов – Ладич го претстави завршениот проект за реконструктуираниот затворен базен во ООУ „Никола Карев“ во Пробиштип. Сепак, долгогодишните најавувања и тајмингот на завршување пред избори отвори прашања низ општината и пошироко. Зошто еден веќе изграден базен во Пробиштип цели осум години стоеше заклучен? Зошто генерации деца пораснаа без можност за пливачки тренинзи, иако објектот беше таму?
Според достапни соопштенија и документи, базенот бил во функција и во 2017 година, кога таму се одржувала пливачка школа. Веднаш потоа објектот бил затворен со образложение за реконструкција, но цели години остана недостапен за учениците и младите од Пробиштип. Отворањето по толку долг период наметнува дилеми околу тоа колку навистина време било потребно за да се доврши зафатот и зошто во меѓувреме не беше одржуван.
Настанот беше проследен и со реакции дека проектот се претставува како сосема ново достигнување, иако неговата изградба и првична функционалност датираат од порано. Дополнителна тежина му дава фактот што отворањето доаѓа во период на интензивни подготовки за локалните избори во 2025 година, кога граѓаните ќе одлучуваат кому ќе му ја доверат довербата за водство на општината.
Отворањето на базенот, на крајот, носи повеќе прашања отколку одговори. Како се трошат јавните пари кога станува збор за вакви зафати? Дали навистина станува збор за долги административни процедури и технички реконструкции, или во позадина постои инает меѓу различни власти кои не сакаат да го признаат она што било направено претходно? И ако е така – дали токму тој пристап е причината што еднаш функционален базен цели осум години стоеше затворен?