Граничниот премин „Блато“ на македонско-албанската граница, кај Дебар, бележи постојан раст на фреквенцијата на патници, со што вчерашниот ден е евидентиран како ден со најголем број минати лица од отворањето на преминот во 1992 година.
Според албанските гранични власти, само во текот на вчерашниот ден преку „Блато“ минале 7.468 патници, што претставува рекорд во едно деноноќие. Поради туристичката сезона, бројот на патници се зголемува секојдневно, а очекувањата се за уште поголем проток во следните денови.
Граничната полиција и царинските службеници се целосно подготвени за брза и ефикасна услуга, обезбедувајќи гостопримство и висока безбедност за сите патници.
Според податоците од македонското МВР, само минатиот викенд (2 и 3 август) преку преминот поминале вкупно 13.603 патници, од кои 4.562 се македонски, а 9.041 странски државјани.
Во првата половина од 2025 година, преку „Блато“ минале рекордни 574.737 патници, што е зголемување од 55 отсто во споредба со истиот период лани, кога биле регистрирани 370.827 минувачи.
Ова ја потврдува важноста на преминот како клучна точка за сообраќај и туризам помеѓу двете соседни држави.