Градоначалникот на Прилеп, Дејан Продановски, денес ги потпиша новите 130 решенија за доделување еднократна парична помош за новороденчиња, мерка со која локалната самоуправа продолжува да ја поддржува грижата за младите семејства и најмладите прилепчани.
Еднократната помош изнесува 6.000 денари и се доделува за секое новородено дете во општината. Само оваа година, вкупно 374 семејства ќе ја добијат оваа финансиска поддршка. Минатата година, пак, над 390 семејства поднесоа барање за помошта за деца родени во 2024 година, за што Општина Прилеп издвои 2.385.000 денари од буџетот.
Мерката се спроведува континуирано од 2022 година, а градоначалникот Продановски истакна дека локалната самоуправа ќе остане посветена на поддршката на младите родители, со цел да се олеснат трошоците што ги носи доаѓањето на нов член во семејството и да се поттикне подобрување на демографската слика во општината.
„Грижата за најмладите останува еден од нашите врвни приоритети“, порача Продановски.



























