УТРО.мк

Проданоски: Зад секоја успешна генерација стојат луѓе кои знаат да пренесат знаење, да воспитуваат и да инспирираат

Проданоски: Зад секоја успешна генерација стојат луѓе кои знаат да пренесат знаење, да воспитуваат и да инспирираат
Vero

Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, упати благодарност и признание до најдобрите наставници, воспитувачи и негователи за учебната 2025/2026 година, истакнувајќи ја нивната значајна улога во воспитувањето и образованието на младите генерации.

„Зад секоја успешна генерација стојат луѓе кои знаат да пренесат знаење, да воспитуваат и да инспирираат“, порача Проданоски.

Тој нагласи дека одговорноста на наставниците, воспитувачите и негователите не завршува со еден наставен час, една лекција или еден работен ден, туку дека со своето знаење, посветеност и личен пример тие влијаат врз тоа какви луѓе ќе станат децата и какво општество ќе се гради во иднина.

Најдобрите за учебната 2025/2026 година беа избрани од Комисијата за општествени дејности и заштита на правата на децата при Советот на Општина Прилеп, согласно правилникот и критериумите утврдени со јавните повици.

За најдобар наставник во одделенска настава во основните општински училишта е избрана Каролина Тренеска од ООУ „Кочо Рацин“, додека признанието за најдобар наставник во предметна настава го доби Кети Иваноска од ООУ „Гоце Делчев“.

За најдобар наставник во средните општински училишта е избрана Мирјана Стојческа – Ѓорѓиоска од СОУ „Орде Чопела“.

Во ЈОУДГ „Наша иднина“ – Прилеп, признанието за најдобар воспитувач го доби Емилија Иваноска, а за најдобар неговател е избрана Ирена Горгиеска.

Проданоски истакна дека признанијата претставуваат благодарност за нивниот професионален ангажман, но и признание за професијата од која зависат темелите на секоја идна генерација.

„Вашиот успех е признание за вас, но и гордост за училиштата и установите во кои работите, за вашите колеги, ученици и цела Општина Прилеп“, порача градоначалникот.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin