УТРО.мк

Проданоски оствари средба со министерката Божиновска

Проданоски оствари средба со министерката Божиновска
Vero

Прилеп мора да биде пример како искористувањето на минералните суровини може да значи реален локален развој, со јасни правила, одговорност и вистинско партнерство. Ова беше клучната порака од работната средба што градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, ја оствари со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, заедно со претставници од министерството и државни советници за рударство.

На средбата се разговараше за актуелните состојби во енергетскиот и рударскиот сектор, како и за потребата од засилена координација меѓу централната и локалната власт. Посебен акцент беше ставен на улогата на концесионерите во прилепскиот регион и нивната обврска, покрај економската активност, да придонесуваат и за поширок општествен развој.

„Зголемените концесиски активности треба видливо да се одразуваат врз општината – преку нови работни места, економска динамика и приходи што се враќаат назад во заедницата. Економски напредок има само кога правилата важат еднакво за сите“, истакна Проданоски.

Во рамки на посетата беше одржана и средба со најистакнатите концесионери од регионот, на која се отворија прашања поврзани со законската регулатива, исполнувањето на преземените обврски и можностите за нови инвестиции. Заедничката оценка беше дека одржлив развој може да се постигне само преку транспарентност, јасно дефинирани правила и партнерски однос меѓу институциите и стопанството.

Како дел од договорените чекори, беше најавено отворање канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп, со цел поголемо присуство на терен, подобар надзор и зголемена транспарентност во секторот. „Контролата не е пречка за развојот, туку гаранција дека развојот е одржлив и фер“, нагласи градоначалникот.

Со оваа средба, локалната и централната власт испратија порака за координиран пристап кон јакнење на институционалната соработка, но и за јасна определба придобивките од неа директно да ги чувствуваат граѓаните на Прилеп.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран