
Над 400 верници денеска учествуваа во традиционалното фрлање по светиот крст по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици 2026, на територијата на општина Прилеп.

Празнувањето започна со утрински богослужби во православните храмови, по што следуваше осветување на водите и положување на светиот крст, во чест на Христовото крштевање.
Централната манифестација се одржа во 12:00 часот со фрлање на светиот крст во базенот на Аква паркот „Салида“ во Прилеп. Покрај централниот настан, Водици беше одбележан и во уште 19 населени места: Селце, Витолиште, Бешиште, Полчиште, Ново Лагово, Загорани, Кадино Село, Мало Коњари, Големо Коњари, Беровци, Клепач, Ерековци, Галичани, Чепигово, Подмол, Алинци, Тополчани, Плетвар и Штавица.

Во црквата „Св. Благовештение“, по свечената божествена литургија и традиционалното пуштање на гулабите, симболично бешеорганизирано фрлање на светиот крст во фонтаната во дворот на храмот, наменето за дечиња до 13-годишна возраст.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, заедно со претседателката на Советот и делегации од советници, присуствуваше на сите 20 локации, упатувајќи честитки до граѓаните со желби за здравје, мир и благосостојба. Локалната самоуправа обезбеди пригодни подароци за сите учесници и парични награди за најсреќните, додека компаниите „Зегин“ и „Евротип“ обезбедија дополнителни подароци за оние кои први го извадија светиот крст од осветените води во Прилеп.

Најсреќен на централниот настан беше 17-годишниот Јордан Ангелески, кој прв го извади светиот крст.



























