
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, истакна дека локалната самоуправа продолжува активно да работи на градење доверба, разбирање и заедништво во заедницата, во соработка со Центарот за заедничка основа.
Во рамки на дијалогот за градење доверба, претставници од повеќе релевантни институции дискутирале за актуелните предизвици, но и за можностите кои стојат пред општината. Целта, како што посочи Проданоски, е да се креираат заеднички решенија што ќе придонесат кон посигурна и поинклузивна иднина за сите граѓани.
Тој нагласи дека Општина Прилеп и во изминатиот период реализирала бројни проекти и активности насочени кон градење заедница заснована на меѓусебно почитување, толеранција и еднаквост, без оглед на етничката, верската или социјалната припадност.
„Преку вакви иницијативи ја зајакнуваме меѓуинституционалната соработка и придонесуваме кон намалување на насилството и девијантните појави“, изјави Проданоски.
Градоначалникот потенцира дека општината останува посветена на негување на дијалогот, поддршка на младите и создавање општество во кое секој граѓанин ќе се чувствува безбедно, прифатено и вреднувано.























