Силен пожар денеска зафати делови од селото Душогубица во Кичевско, предизвикувајќи значителна материјална штета. Според информациите, во огнената стихија изгореле 45 сандаци со пчели, една постара куќа и два полски тоалети.
Пожарот, кој избувнал во раните претпладневни часови, поради силниот ветер, сушата и непристапниот терен, брзо се проширил кон шумскиот појас над селото. Најзагрозено било едно бачило со над 200 овци, сопственост на жител на Душогубица.
Благодарение на интервенцијата на вработените од Лопушник, Територијалната противпожарна единица Кичево и хеликоптерот на МВР, кој шест пати истурил вода врз огнот, бил спречен поголем пожар и заштитено бачилото.
„Огнот беше изгаснат во селото, но дел од жариштето се префрли во северниот дел на шумскиот појас и постои опасност повторно да се прошири,“ изјави Димче Стојкоски, претседател на Месната заедница во Душогубица.
Надлежните апелираат на внимателност и најавуваат зголемени активности за контрола на пожарите во регионот.