Согласно планот на Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК, денеска се ангажирани два пинцгауери и два ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување на локациите кај селата Крушје и Иванковци. Таму се распоредени и 30 припадници на Армијата, кои се вклучени во гаснење на пожарите кои сè уште беснеат во тие подрачја.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека пожарот кај дојранското село Николиќ, кој неколку дена беше активен, е ставен под контрола, а целосно изгаснат е пожарот во Чучер Сандево.
Во моментов, активни се три пожари на територијата на државата – во Велешко, каде што гори мешана шума кај селата Џидимирци, Крушје и Иванковци; потоа во Македонски Брод, каде што гори дабова шума меѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа; како и кај село Нивичино во Општина Василево, каде е зафатена нискостеблеста шума.
Во гаснењето на пожарот кај Нивичино, покрај копнените сили, е ангажиран и воздухоплов на Министерството за внатрешни работи.