Општина Битола и Советот на Општина Битола организираат панел дискусија на тема „Како до подобри услуги за граѓаните од јавните претпријатија“, со цел отворање поширока јавна дебата за улогата и предизвиците на јавните претпријатија како сервис на граѓаните.
Во изминатиот период, јавните претпријатија се соочија со сериозни предизвици, почнувајќи од последиците од ковид пандемијата, преку енергетската криза, до напорите за нивна финансиска и организациска стабилизација. Токму овие состојби ја наметнуваат потребата од системско унапредување на квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните.
На панел дискусијата ќе учествуваат градоначалникот на Битола, претседателот на Советот, директорите на јавните претпријатија, како и експерти од областа. Отворена е покана и за поранешни директори, пратеници, советници, претставници на граѓански организации и медиумите, со цел да се обезбеди инклузивна и конструктивна расправа.
Настанот ќе се одржи в петок, на 19 декември, со почеток во 13:30 часот, во киното „Манаки“ во Битола.



























