
Обилните дождови предизвикаа сериозни штети во повеќе делови на земјата, со поплавени подруми, дворови, куќи, земјоделски површини и делови од инфраструктурата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во Охрид и околината поплавени се подруми, дворови и неколку објекти, а дел од водотеците излеале. Локалната самоуправа и кризниот штаб се на терен, а екипите на ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со отстранување на водата и санација на поплавените места.
Слични проблеми се регистрирани во Кичево и околните населби, каде што водата навлезе во подруми и на површината на некои објекти. Дел од жителите се евакуирани и сместени во привремени објекти со обезбедена храна и здравствена заштита. Поплавена е и дел од земјоделската површина, а локалните водотеци се делумно излеани. Општината и Црвениот крст Кичево обезбедуваат помош за погодените, додека ЈП „Комуналец“ и екипите на Итната медицинска помош интервенираат на терен.
Во регионот на Битола зголемените водостоји на реките предизвикаа локални излевања и поплави на куќи, дворови и земјоделски површини. Кризниот штаб организира активности за приоритетна санација, а механизацијата на општината работи на терен.
Во Тетово и околината пријавени се случаи на уривање потпорни ѕидови и локални излевања на водотеци. Полициски екипи вршат увид на местата, додека механизацијата на општината интервенира за чистење и санација на штетите.
Поплави се регистрирани и во Гостивар и околните населени места, каде што водата го поплави локалниот патен правец и дел од инфраструктурата. Екипите на ЈП „Комуналец“ работат на расчистување, а механизацијата на Водостопанство интервенира за чистење на свлечишта и отстранување на последиците.
ЦУК најавува дека состојбата се следи и дека екипите на локалните самоуправи и службите се на терен.



























