Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, најави старт на втората фаза од изградбата на новата зграда на Територијалната противпожарна единица, проект кој се реализира со поддршка од Министерството за одбрана на САД.

На 14 јули, на официјалната американска страница за јавни набавки беше објавен тендерот за финалното доопремување на објектот. Понудите ќе се собираат до 13 август, по што започнува втората и завршна фаза од проектот, со што зградата ќе стане целосно функционална.
Коњановски, заедно со советникот Бојан Бојкоски, го посети објектот, каде што е веќе реализирана првата фаза со средства од буџетот на општина Битола во износ од 52,8 милиони денари. Објектот е изграден на парцела од 3.300 м², со корисна површина од 1.600 м², до фаза на карабина со поставена дограма.

„Втората фаза, преку грантот на Министерството за одбрана на САД, ќе овозможи целосна адаптација на објектот и негова енергетска ефикасност. Проектот опфаќа канализација, водовод, механички и електрични инсталации, партерно и сообраќајно уредување, потпорни ѕидови, пристапна патна инфраструктура и противпожарни инсталации. Вредноста на грантот изнесува околу 1 милион долари“, изјави Коњановски.
Со новата зграда, Битола добива современи услови за противпожарната служба, додека постоечката станица ќе продолжи да функционира. Територијалната противпожарна единица ги покрива општините Битола, Ресен, Могила, Новаци и Демир Хисар.