
Тони Коњановски денеска оствари средба со новиот тренер на РК Еурофарм Пелистер, Лино Червар, кој и официјално го презема водењето на битолскиот клуб.
На средбата беше потврдена соработката со Червар, кој потпиша договор на три години и се враќа на ракометната сцена по петгодишна пауза. Искусниот хрватски стратег, роден во Умаг, важи за еден од најтрофејните тренери во светскиот ракомет, со освоени олимписки и светски титули со репрезентацијата на Хрватска.
Коњановски му посака добредојде и успешна работа во Битола, со очекување дека неговото искуство ќе придонесе за нови успеси на клубот и развој на младите ракометари.
Червар во минатото ја водеше и македонската репрезентација, а остави значаен печат и во „Металург“ од Скопје, каде што работеше на развој на млади таленти и создавање репрезентативци како Кузмановски, Талевски и Дрогришки.
На средбата со градоначалникот присуствуваа и претседателот на клубот Зоран Стерјев, потпретседателот Бојан Стерјев и спортскиот новинар Зоран Мишевски.















