
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска во својот кабинет ги прими учениците од училишниот бенд и хорот на ООУ „Гоце Делчев“, кои постигнаа значајни успеси на домашни и меѓународни музички натпревари.
Учениците Мила, Меланија, Лана, Димитра, Николија и Искра, заедно со нивната менторка Марија Арсиќ, испишаа уште едно значајно поглавје во музичката историја на училиштето, освојувајќи прво место на интернационалниот музички натпревар „Art In 2026“.
На приемот, Коњановски им го честиташе успехот и им посака уште многу достигнувања во иднина, нагласувајќи дека тие се вистински амбасадори на Битола и Македонија.
Во конкуренција на талентирани млади музичари од повеќе држави од регионот и светот, учениците од ООУ „Гоце Делчев“ повторно се искачија на победничкиот пиедестал и го освоија првото место. Нивниот настап беше исполнет со сигурност, посветеност и љубов кон музиката, што уште еднаш го потврди нивниот квалитет.
„Битола е горда на овие млади таленти кои со својот труд, дисциплина и музичка страст достојно го претставуваат училиштето, градот и Република Македонија. Нивниот успех е доказ дека вложувањето во младите носи резултати и создава генерации кои се пример за сите“, истакна Коњановски.
Дополнителен повод за гордост е и успехот на хорот на училиштето, кој на Државниот хорски натпревар во Кавадарци го освои највисокото признание, потврдувајќи ја традицијата на музичка извонредност што ја негува ООУ „Гоце Делчев“.
Од училиштето посочуваат дека победите се резултат на заедничкиот труд, тимскиот дух и љубовта кон музиката, кои учениците и наставниците ги вложуваат во секоја проба и секој настап.















