УТРО.мк

ДУИ бара предвремени избори: „Да се распушти Собранието, да се определи датумот“

ДУИ бара предвремени избори: „Да се распушти Собранието, да се определи датумот“
Vero

Демократската унија за интеграција (ДУИ) отворено побара одржување предвремени парламентарни избори, откако премиерот Христијан Мицкоски изрази подготвеност за избори доколку тоа го побара опозицијата.

Од ДУИ велат дека го прифаќаат повикот и бараат изјавата на премиерот веднаш да биде преточена во конкретни чекори.

„Конечно и премиерот разбра дека оваа состојба е неодржлива и дека на државата ѝ е потребен нов политички мандат“, порача партијата.

Според ДУИ, актуелната Влада го изгубила легитимитетот да продолжи со политиките што, како што оценуваат од партијата, водат кон европска изолација, влошување на меѓуетничките односи, нарушување на Охридскиот договор и намалување на застапеноста на Албанците во институциите.

Од партијата бараат во наредните денови да се утврди најбрзиот уставен рок за одржување на изборите и веднаш да започнат изборните подготовки.

Целта, според нив, е граѓаните да добијат можност на избори да ја определат политичката насока во која треба да се движи државата.

„Доколку понудата на премиерот е сериозна, нема причина за одложувања, изговори или политички калкулации“, наведуваат од ДУИ.

Партијата оценува дека опозицијата веќе го дала својот одговор и дека сега топката е кај власта.

„ДУИ е подготвена. Да се распушти Собранието, да се определи датумот, да одиме на избори“, се наведува во соопштението.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin