УТРО.мк

Дојран нуди прекрасни плажи и летување за помалку од 200 евра

Дојран нуди прекрасни плажи и летување за помалку од 200 евра
Vero

Во време кога летувањето за многу македонски семејства станува сè поголем финансиски предизвик, Дојран останува една од ретките домашни дестинации каде што може да се организира достапен семеен одмор. Сепак, и покрај ниските цени, туристичкиот интерес не е на очекуваното ниво.

За седумдневен престој во Дојран, едно семејство може да потроши помалку од 200 евра. Во автокампот „Партизан“ велат дека сместување во бунгалов за една недела чини околу 10.000 денари, додека кампувањето е уште поевтина опција – околу 6.000 денари.

Посетителите имаат можност дополнително да заштедат и на исхрана. Во кампот, три оброци дневно чинат околу 700 денари, што го прави Дојран привлечен за оние кои бараат поекономичен одмор.

Но, и покрај пристапните цени, во текот на работните денови туристичката слика е далеку од очекуваната. Повеќе гости има за време на викендите, но во главната сезона, јули и август, бројот на посетители не го достигнува потенцијалот што го има местото.

Од туристичкиот сектор сметаат дека проблемот не е само во цените, туку во недостатокот на подобра промоција и организиран развој. Дојран располага со езеро, мирна атмосфера, традиционална кујна и природни вредности, но овие предности, според познавачите, не се доволно искористени.

Како главни недостатоци се посочуваат слабата туристичка понуда, недоволната присутност на сместувачките капацитети на интернет платформите и недостигот од дополнителни содржини кои би ги задржале гостите подолго.

Според туристичките работници, потребна е посилна промоција на Дојран како семејна и мирна дестинација, како и организирање повеќе настани – спортски манифестации, културни фестивали и активности поврзани со локалната традиција.

Иако често се создаваат негативни перцепции за езерото и понудата, локалните жители велат дека Дојран има свои предности и дека токму мирот, природата и достапните цени се неговиот најголем адут.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin