Битола денеска одбележа 121 година од погибието на македонскиот револуционер и војвода на Македонската револуционерна организација, Александар Турунџев.
По тој повод, пред неговиот споменик кај „Ат Пазар“, како и на неговиот гроб на Светонеделските гробишта, беше оддадена почит на неговото дело и жртва.
Во име на Општина Битола, цвеќе положи и се поклони советникот Александар Јаневски. Почит кон Турунџев оддадоа и бројни граѓани, здруженија, како и членови на коњаницата „Костурска чета“ од Битола.
Од Општина Битола истакнуваат дека Александар Турунџев останува запаметен не само како борец, туку и како симбол на храброст, жртва и визија.
„Александар Турунџев беше повеќе од борец, беше симбол на храброст, на жртва и на визија“, се наведува во соопштението.
Споменикот на Турунџев кај „Ат Пазар“ беше откриен минатата година со свечена церемонија и своевидна поворка, која симболично го прикажа погибието на војводата и потсети на неговата улога во македонското револуционерно движење.
Со денешното одбележување, Битола уште еднаш му оддаде почит на Александар Турунџев и го зачува споменот за неговото дело и историското значење.

















