Во пресрет на премиерата на комедијата „Рибарски караници“ од Карло Голдони, во режија на Јован Ристовски, Битолскиот народен театар, со поддршка од Општина Битола, започна со реконструкција на патот што води до Ротинското Езеро – живописна локација каде за првпат ќе се одигра театарска претстава.
Овој амбициозен проект го претвора театарот не само во културна туку и инфраструктурна сила, а претставува уникатен спој на уметноста и природата, наменет за незаборавно доживување на 25 јули.
„Театарот не е само професија – тоа е начин на живот. Голема благодарност до сите кои посветено работат на логистиката за спектаклот што не очекува. Благодарност и до Општина Битола за довербата, како и до јавните претпријатија и приватните компании кои секојдневно помагаат. Да живее театарот!“, изјави директорот Васко Мавровски.
Во актерската екипа се: Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Никола Пројчевски, Соња Ошавкова, Петар Горко, Марија Цветановска, Леонида Гулевска, Валентин Дамчевски, Елена Мошевска, Живко Борисовски, Петар Спировски, Александар Димитровски, Илина Чоревска, Катерина Аневска-Дранговска и Марија Стефановска.
Со оваа иницијатива, Битолскиот театар уште еднаш потврдува дека уметноста има моќ да го менува општеството – чекор по чекор, сцена по сцена.
Фото: Народен театар Битола