
Општина Битола објави јавен повик за доделување на линии за вршење на општински линиски превоз на патници и за субвенционирање на линиите што ги поврзуваат руралните средини со градот. Повикот се однесува на период од пет години од денот на издавањето на дозволата и има за цел унапредување на јавниот превоз и подобрување на достапноста за жителите на сите населени места во општината.
Доделувањето на линиите ќе се врши согласно Одлуката за општински линиски превоз на патници во Општина Битола и Правилникот за условите, начинот и постапката за доделување на линиите на превозниците во општинскиот линиски превоз, објавени во „Службен гласник на Општина Битола“ број 19/25.
Со јавниот повик се опфаќаат и линиите кои водат до руралните средини, за кои е предвидено субвенционирање со цел да се обезбеди редовен и економски одржлив превоз за населението што живее надвор од градското подрачје.
Во документацијата се утврдени условите за учество, критериумите за утврдување на способноста на понудувачите, потребната документација, како и критериумите за избор на најповолна понуда. На овој начин, Општина Битола има за цел да обезбеди транспарентна и конкурентна постапка, со што ќе се изберат превозници кои ќе понудат квалитетна и сигурна услуга.



























