
Во Прилеп денеска започна културната манифестација Денови на Крали Марко, посветена на легендарниот средновековен владетел и еден од најпознатите јунаци во балканското народно творештво.
Манифестацијата стартуваше со интерактивната работилница и изложба „Балканскиот јунак Крали Марко“, која се одржа во Завод и музеј Прилеп, како и со детската работилница „Крали Марко низ детските очи“ во црквата Свети Никола.
Во рамки на програмата, вечерва од 20 часот во црквата „Св. Никола“ ќе биде прикажан и планински филм како дел од фестивалот Ехо патува.
Манифестацијата ќе заврши в недела со концерт на култната македонска група Мизар, кој ќе се одржи на амфитеатарот во Варош со почеток од 20 часот.
Од Општина Прилеп информираат дека „Денови на Крали Марко“ традиционално се организираат по повод годишнината од загинувањето на Крали Марко, а целта е да се промовира Прилеп како град поврзан со неговиот живот и легенда.
„Овој средновековен владетел, познат по бројни подвизи, е најпознатиот јунак на епското народно творештво, не само кај Македонците, туку и пошироко на Балканот“, велат од Општината.
















