Во селото Издеглавје, во Дебарца, денес се одбележуваат 82 години од Првиот македонски свештенички собир — историски настан што го означи почетокот на возобновувањето на Охридската Архиепископија преку создавањето на Македонската Православна Црква.
На 21 октомври 1943 година, во услови на војна и окупација, македонското свештенство самостојно го презеде управувањето со црковниот живот во земјата. На собирот беше отфрлена секоја јурисдикција на туѓите цркви врз Црквата во Македонија, а за првпат во црковната администрација беше воведен македонскиот јазик.
На тој ден беше формирано и првото архијерејско намесништво на ослободената територија, со свештеникот Антим Попоски како прв намесник. Преку ова, Македонската Црква го потврди својот континуитет со народот и неговата борба за духовна и национална слобода.
Историчарите потсетуваат дека собирот се одржал во време кога во источна Македонија доминирала бугарската Егзархија, а во западниот дел – Албанската Православна Црква под италијанска контрола. Македонските свештеници, меѓутоа, одбиле да служат под туѓа јурисдикција и се ставиле на страната на народното ослободително движење.
Највисоката духовна власт на МПЦ – ОА, Архиепископот г.г. Стефан, при одбележувањето на 75-годишнината, им изрази благодарност на свештениците кои учествувале на историскиот собир, меѓу кои протоереите Вељо Манчевски, Кирил Стојаноски и Антим Попоски, како и свештениците Томо Попоски, Зафир Јованоски, Ламбе Попоски, Ристо Тасески, Матеј Попоски и Силјан Ристоски.
82 години подоцна, Првиот македонски свештенички собир останува симбол на духовната независност и отпорот кон сите обиди за негирање на македонскиот црковен и национален идентитет.