
Централното претседателство на ВЛЕН одржа редовна седница на која беа разгледани актуелните политички случувања и беа потврдени приоритетите на коалицијата за претстојниот период. Од ВЛЕН порачуваат дека остануваат посветени на реализацијата на програмските определби и ветувањата дадени пред граѓаните.
Како еден од значајните чекори го посочуваат усвојувањето на предлогот во Владата со кој се предвидува правосудниот испит за првпат да може да се полага и на албански јазик.
„Ги слушнавме студентите и се заложивме ова прашање да добие институционално решение“, истакнуваат од ВЛЕН, оценувајќи дека станува збор за историски исчекор.
Во однос на Охридскиот рамковен договор, од коалицијата нагласуваат дека тој не е сопственост на ниту една политичка партија, туку историско достигнување и резултат на заложбите на албанскиот народ за еднаквост.
Според ВЛЕН, по повеќе од две децении, правичната и соодветна застапеност на сите етнички заедници мора да биде гарантирана со закон. Поради тоа, донесувањето на Законот за правична и соодветна застапеност останува еден од нивните главни приоритети.
„Апсурдно е да се повикувате на Охридскиот договор, а истовремено да го блокирате неговото унапредување“, порачуваат од коалицијата, додавајќи дека одговорноста за завршување на овој процес ја имаат сите парламентарни субјекти што се изјаснуваат како поддржувачи на договорот.
На седницата било разговарано и за предлог-законот со кој се предвидува трансформирање на договорните ангажмани во редовен работен однос. Според предложеното решение, лицата што ги исполнуваат законските услови би добиле вработување на неопределено време.
Од ВЛЕН тврдат дека, и покрај блокирањето на Законот за правична и соодветна застапеност од страна на опозицијата, успеваат да обезбедат пристап до јавната администрација за Албанците и без механизмот на Балансерот.
„Работното место не смее да биде средство за политички уцени“, нагласуваат од коалицијата.
Децентрализацијата, како еден од столбовите на Охридскиот рамковен договор, исто така останува меѓу приоритетите. Од ВЛЕН посочуваат дека општините со мнозинско албанско население веќе ја чувствуваат финансиската поддршка преку конкретни проекти и инвестиции, независно од тоа која политичка партија раководи со локалната самоуправа.
Во однос на функционирањето на извршната власт, од коалицијата оценуваат дека владиното партнерство е стабилно и дека успешноста на актуелната Влада треба да се оценува во текот на целиот четиригодишен мандат.
ВЛЕН се осврна и на најновиот извештај на Европската комисија, оценувајќи го како реален и објективен приказ на постигнатиот напредок, но и на предизвиците со кои се соочува државата.
„Членството во Европската Унија останува наша стратешка цел и одговорност кон граѓаните“, истакнуваат од ВЛЕН.
Од коалицијата најавуваат дека нивните претставници во Владата, Собранието и локалната власт ќе продолжат да работат на исполнување на сите утврдени приоритети и програмски ветувања.























