УТРО.мк

Вајц под закани поради извештајот за Македонија: Кампања на оцрнување од Бугарија

Вајц под закани поради извештајот за Македонија: Кампања на оцрнување од Бугарија
Vero

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, откри дека е цел на организирана кампања на оцрнување и закани од екстремни групи, поради неговата улога во изработката на извештајот за напредокот на земјава, кој минатата недела беше изгласан во Европскиот парламент.

Во интервју за телевизија Канал 5, Вајц изјави дека извештајот е позитивен и балансиран, но дека реакциите што ги предизвикал, особено од бугарска страна, прераснале во лични напади, дезинформации и директни закани.

„Бев под силен напад, тоа беше цела кампања на оцрнување против мене. Ме нарекуваа пристрасен, ме обвинија дека сум комуницирал повеќе со Македонија отколку со Бугарија, дури и дека сум бил корумпиран“, рече Вајц.

Тој откри дека неговиот приватен телефонски број бил споделен во екстремно десничарски групи на социјалната мрежа Телеграм, по што почнале да пристигнуваат смртни закани и закани од сериозен карактер.

„Ова продолжува и по изгласувањето на извештајот. За жал, ситуацијата ескалираше, особено во Бугарија“, изјави Вајц, оценувајќи дека нападите имаат за цел да го дискредитираат неговиот ангажман.

Иако извештајот за напредокот на Македонија беше позитивно оценет во институциите на ЕУ, тој предизвика остра реакција кај дел од бугарските политички и медиумски кругови, кои го сметаат за пристрасен во однос на спорните прашања меѓу двете земји.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран