
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека ниту еден полициски службеник нема законско право да одбие прием на документација од граѓаните или да ги препраќа на друга локација.
Реакцијата на министерот доаѓа по бројните поплаки од граѓани кои тврдат дека биле враќани од шалтерите на МВР при поднесување документи, особено во случаи поврзани со сообраќајни прекршоци и казни.
Тошковски нагласи дека службениците се должни да ја примат документацијата, а понатамошната постапка е обврска на институциите во рамки на Министерството за внатрешни работи.
„Ниту еден полициски службеник нема право да му одбие на граѓанин дел од неговото барање за поднесување конкретна документација. Должни се да ги примат документите што ги доставуваат, а потоа во рамки на службите на Министерството за внатрешни работи ќе треба да ги следиме и навреме да ги информираме граѓаните за тоа што сме одлучиле и како сме постапиле“, изјави Тошковски.
Тој ги повика граѓаните да ги пријавуваат ваквите случаи преку официјалните линии на МВР, по што ќе следува проверка на постапувањето на службениците и соодветна оценка на нивната работа.
Во однос на лажните СМС пораки за наводни сообраќајни прекршоци што пристигнуваат од странски броеви, министерот предупреди граѓаните да бидат внимателни и да не отвораат сомнителни линкови.
„Пораките што доаѓаат од чудни адреси и не се испратени од официјална адреса на Министерството се сомнителни и граѓаните треба да бидат внимателни“, истакна Тошковски.
Министерот најави и дека до крајот на годината системот „Safe City“ постепено ќе биде поставен низ целата држава, а во сите градови каде што ќе се исполнат условите, системот ќе биде пуштен во употреба.
















