
Матичната собраниска комисија денеска без расправа и по скратена постапка ја поддржа предлог-иницијативата за измена на Законот за градење и Законот за градежно земјиште, по што тие ќе продолжат во натамошна собраниска процедура. Од комисијата констатираа дека не се поднесени амандмани, па процесот продолжува непречено.
Министерството за транспорт објаснува дека измените во Законот за градежното земјиште ќе донесат ред во линиската подземна инфраструктура, од оптички кабли и телекомуникациски мрежи до водоводни, канализациски, гасоводни и нафтоводи. Првпат овие објекти ќе може да се впишат во катастарот на инфраструктурни градби во Агенцијата за катастар на недвижности, што ќе овозможи целосен преглед на линиската инфраструктура во државата. Ова, според предлагачите, ќе придонесе за рационално планирање на нови градби и инфраструктурни проекти.
Покрај тоа, измените предвидуваат општините да добијат поголема слобода во располагањето со градежното земјиште предвидено за технолошко-индустриски зони, што треба да ја поттикне економијата и да им овозможи на домашните компании полесно да ги реализираат своите инвестиции.
Во исто време, измените на Законот за градење се насочени кон унапредување на телекомуникациските услуги. Тие ќе го подобрат имотно-правниот статус на базните станици на операторите, што ќе овозможи поефикасни и поквалитетни услуги за граѓаните.























