Најголемиот производител на електрична енергија во земјава, РЕК Битола, повторно е во функција. Од компанијата информираат дека Блок 2, кој беше исклучен поради пожар на 18 јуни, синоќа во 18:18 часот повторно е синхронизиран со државната електродистрибутивна мрежа.
„По неколкудневни интензивни напори за санација на оштетениот ормар за електроуправување, Блок 2 е успешно вратен во функција,“ соопштија од Секторот за односи со јавност на комбинатот.
Пожарот кој го зафати електроормарот предизвика прекин во работата на блокот и предизвика сомнежи за евентуална саботажа, за што Министерството за внатрешни работи (МВР) отвори истрага. Се очекува официјална информација за резултатите од истражните постапки.
Со повторното активирање на Блок 2, стабилноста на електроснабдувањето во земјата се зацврстува, особено во пресрет на зголемената летна потрошувачка.