
Македонија денеска ќе биде под влијание на сончево и топло време со мала до умерена облачност, но во попладневните часови се очекува локална нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и на одделни места краткотрајно невреме со појава на град.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од 12 до 22 степени, додека дневните ќе достигнат од 30 до 38 степени Целзиусови.
Во Скопје времето ќе биде претежно сончево и топло со мала до умерена облачност и слаб до умерен северен ветер. Попладне се очекува локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а во делови од котлината ќе има услови и за краткотрајно невреме. Температурата ќе се движи од минимални 17 до максимални 35 степени.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), од утре започнува период на променливо облачно и нестабилно време под влијание на влажни воздушни бранови. Во среда и петок на повеќе места се очекуваат повремени врнежи од дожд и грмежи, а локално временските процеси ќе бидат поинтензивни.
Можно е да наврнат повеќе од 15 литри дожд на квадратен метар, да има силни електрични празнења, ветер со брзина над 60 километри на час и појава на град.
Во текот на викендот времето ќе биде посвежо, со умерен до засилен северен ветер и пониски дневни температури.

















