УТРО.мк

Почеток на Велигденскиот пост: Пат кон чиста душа и тело

Почеток на Велигденскиот пост: Пат кон чиста душа и тело
Vero

Кога ќе заѕвонат ѕвоната за почетокот на Великиот пост, за православните верници започнува најдлабокиот духовен пат во годината, пат што води кон светлината на Христовото Воскресение. Овој период не е само календарска одредница меѓу Прочка и Велигден; тој е време на преиспитување, тишина и внатрешна борба, шестседмична духовна школа што кулминира со радоста на Воскресението.

Познат под повеќе имиња: Велигденски, Воскресенски, Пасхален, Велики или Чесен пост – овој период ја носи тежината на традицијата и вековната побожност. Терминот „Четириесетница“ потсетува на четириесетдневниот пост на Господ Исус Христос, но и на четириесетдневната подготовка на верниците пред да влезат во тајната на најголемиот христијански празник. На тие денови се надоврзува Страсната седмица, недела на тишина и трепет, кога секој ден е „велик“, затоа што нè доближува до Голготата и до празниот гроб.

Историските извори сведочат дека постот постепено го добивал својот денешен облик. Од тридневно воздржување во раните векови на христијанството, споменато од свети Иринеј Лионски, до оформената Велика Четириесетница во петтиот век, традицијата растела заедно со црковниот живот. Денес таа претставува најстрогиот и најдолгиот пост во православната практика.

Но суштината не е во должината, туку во целта. Постот не е диета, ниту сезонска навика. Тој е повик кон преобразба. Телото се воздржува од мрсна храна, но душата се учи на смирение, прошка и милосрдие. Се намалува трпезата, а се зголемува молитвата. Се скратува менито, а се продлабочува верата.

Црковниот живот во овие денови добива поинакова слика. Богослужбите стануваат подолги и покајни, одеждите потемни, поклонувањата подлабоки. Во средите и петоците се служи Литургија на предосветените дарови, а верниците почесто пристапуваат кон Причест, срцето на духовниот живот. Во Страсната седмица тишината станува гласна, а симболиката силна: Плаштеницата на Велики петок, строгото воздржување на Велика сабота и исчекувањето на полноќната радост.

Правилата за исхрана се јасно утврдени, воздржување од месо, млечни производи и јајца, со денови на пост на вода и одредени празници кога се дозволува масло, вино или риба. Но Црквата не ја заборава човечката слабост. За болните, децата, старите и оние во посебни околности, постот може да се ублажи со благослов. Зашто целта не е казна, туку спасение.

„Кога ќе слушнете за постот, не плашете се од него“, поучува свети Јован Златоуст. Постот не е товар, туку средство. Тој ја калеми волјата, го смирува умот и го отвора срцето. Не е доволно само да се остави месото, ако во душата останат гневот и зависта. Не е доволно да се избегне мрсната трпеза, ако зборот остане остар и неправеден.

Затоа вистинскиот пост започнува таму каде што завршува чинијата, во мислата, во зборот, во делото. Тој бара помирување со ближниот, воздржување од осуда, откажување од лоши навики, повеќе добри дела и повеќе љубов. Во време кога светот нуди брзи задоволства, постот нуди тивка сила.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран