
На покана на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Претседателката на Основен кривичен суд Скопје – судија Даниела Димовска, шефицата на специјализираното судско одделение надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција – судија Фанка Јанчулева – Михаиловска и Илија Трпков – судија во специјализирано судско одделение надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција, учествуваат на Регионалната конференција посветена на прашањето „Од хартија до практика: Како реформите во правосудството да дадат резултати во предметите на организиран криминал и корупција“, која ќе се одржува овие два дена (26 и 27 октомври) 2026 година во Будва, Црна Гора. Конференцијата се организира во рамки на Регионалниот проект за набљудување судски процеси во Западен Балкан, кој го спроведува ОБСЕ со финансиска поддршка од Европската Унија.

Во рамки на конференцијата, на која учествуваа претставници на правосудните институции од Западен Балкан, презентиран e Извештајот на ОБСЕ за набљудување на судските процеси во Западен Балкан. Во него нотирани се повеќе позитивни практики во работата на Основниот кривичен суд Скопје, особено во делот на транспарентноста и комуникацијата со јавноста.
Извештајот ја истакнува редовната комуникација на судот со јавноста, преку објавување соопштенија, одговарање на новинарски и граѓански прашања. Како позитивен чекор е нотирано и започнувањето со издавање квартален билтен со статистички податоци, резимеа на позначајни пресуди и информации за активностите за унапредување на транспарентноста. Особено е нагласено дека судот е единствената институција во судската мрежа со функционална канцеларија за односи со јавноста. Позитивно е оценет и брифингот со медиумите од септември 2026 година, како практика за унапредување на транспарентноста, дигитализацијата и ефикасноста во работењето.

Во извештајот се препознава и значењето на континуираната соработка со медиумите и со проектот на ОБСЕ за набљудување на судските процеси.
Учеството на судиите на конференцијата претставува можност за размена на искуства и практики со правосудните институции од регионот, како и за дискусија за предизвиците во спроведувањето на реформите, транспарентноста во предметите од јавен интерес и унапредувањето на ефикасноста на правосудниот систем.
Основниот кривичен суд Скопје продолжува со активностите насочени кон унапредување на транспарентноста, отворената комуникација со јавноста и јакнењето на довербата во правосудството.























