УТРО.мк

Над 70% од лекарите во Македонија се соочиле со насилство на работното место, велат од Лекарската Комора

Над 70% од лекарите во Македонија се соочиле со насилство на работното место, велат од Лекарската Комора
Vero

На 12 Март, Европскиот ден за подигнување на свеста против насилството врз здравствените работници, Лекарската комора на Република Македонија, заедно со европските медицински асоцијации и Министерството за здравство, упатија аларм за сериозен проблем кој го тишти здравствениот сектор, насилството врз докторите.

Претседателката на Комората, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, истакна дека нападите врз медицински лица не се само лични напади. Тие го погодуваат целиот систем и пациентите кои чекаат грижа. „Докторите не се непријатели. Тие се на првата линија за зачувување на животот, во услови кои понекогаш се екстремни. Насилството не е решение за системските слабости“, нагласи проф. д-р Гривчева Старделова.

Анкетите на Комората откриваат загрижувачки податоци: над 70% од лекарите доживеале некаква форма на насилство на работното место. Од нив, 80% се соочиле со вербална агресија, додека 6,8% биле жртви на физички напади. И покрај измените на Кривичниот закон во 2023 година, кои го третираат нападот врз медицинско лице како напад врз службено лице, ефектите се ограничени – речиси 70% од инцидентите воопшто не се пријавуваат, најчесто поради комплицираните процедури или перцепцијата дека ова е „дел од работата“. Министерството за внатрешни работи регистрираше само две кривични пријави минатата година за напади врз здравствени работници, едно во Скопје со двајца сторители и едно во Штип со еден сторител.

Проф. д-р Карди Хаџихамза, психијатар и член на Извршниот одбор на Комората, предупреди за сериозните последици од насилството. „Доколку докторите се изложени на агресија, тоа создава психолошки стрес, анксиозност и прегорување, што многумина ги тера да размислуваат за напуштање на професијата или заминување во странство. Тоа дополнително го ослабува здравствениот систем“, рече проф. д-р Хаџихамза. Тој додаде дека неопходно е здравствените установи да ги зајакнат безбедносните мерки, вклучувајќи обезбедување и видеонадзор, но и да се вложи во подобра комуникација и едукација на пациентите.

Лекарската комора апелира за итна институционална реакција на секој напад, како и за стопирање на дигиталниот линч врз докторите. Комората нагласува дека подобрите услови за работа, повеќе персонал и организирана работа, се клучни за создавање безбедна работна средина. „Хуманоста е двонасочна. Потребна е нулта толеранција за насилство од сите страни – институции, медиуми и граѓани. Само со пријавување на инцидентите и соодветни санкции можеме да го испратиме јасното послание дека насилството не е прифатливо“, рече проф. д-р Гривчева Старделова.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран