
Кочани се подготвува да оддаде благодарност на медицинските установи и државите кои помогнаа во лекувањето на повредените во трагичниот пожар пред една година, во кој загубија живот 63 млади лица.
Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, најави дека на 15 март, недела, со почеток во 13:30 часот во Центарот за култура „Бели мугри“ ќе се одржи настанот „Кочани ви благодари“. Целта е да се искаже длабоката благодарност кон сите доктори, медицинари и здравствени установи кои помогнаа во рехабилитацијата на повредените.
„Годишнината од трагичниот пожар ја доживуваме како момент на тивко сеќавање, но и како момент на човечка солидарност. Кочани ја носи болката од загубата, но истовремено ја памети и огромната поддршка што ја добивме од многу пријателски држави и институции“, истакна Грозданов.
На настанот ќе бидат доделени признанија на врвни доктори и медицинари од Србија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Грција, Италија, Австрија, Белгија, Литванија, Турција, Шведска, Унгарија, Полска и Шпанија за нивната солидарност и поддршка на повредените и нивните семејства.






















