
Билјана Беличанец, актерка и поранешна градоначалничка на скопската општина Кисела Вода, почина на денешен ден во 2019 година.
Родена во 1973 година, Беличанец го посвети својот живот на сцената, дипломирајќи актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1994 година. Својата професионална кариера ја започна во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (1994–1997), а од 1997 година беше дел од Драмскиот театар во Скопје, каде остави неизбришлив белег со своите бројни улоги. Меѓу нив се издвојуваат Маргарет Флаерти во „Заводникот од западниот свет“ (1997), Сузана во „Свадбата на Фигаро“ (1998), Софија Јегоровна во „Платонов“ (1999), Клариса де Бисоњози во „Арлекин – слуга на двајца господари“ (1999), како и Кинегонда и Газдарицата на јавна куќа во „Кандид во земјата на чудата“ (2000). Нејзиниот талент блесна и во улогите на Ерика Брукнер во „Мефисто“ (2000) и Маре во „Тетовирани души“ (2001).
Покрај театарот, Беличанец се појавуваше и на телевизија, учествувајќи во проектот „Здраво генијалци“ и на натсинхронизација на гласови во турски серии. За својот изразен актерски талент доби повеќе признанија, меѓу кои наградата за најдобро актерско остварување за улогата на Кинегонда во претставата „Кинегонда во Карлаленд“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (2009) и за улогата на Сара во „Генетика на кучињата“ (Прилеп, 2012).























